Екипата на Пелистер го продолжи максималниот ефект во кошаркарската Суперлига откако денеска како гостин во Кисела Вода ги совлада Ангели со 100-76.
Битолчани ја имаа фаворитската улога на овој меч и максимално ја оправдаа, а натпреварот послужи и како своевидно загревање и посилен тренинг пред исклучително важниот дуел со Цедевита Јуниор в среда на домашен терен. Единственото водство на натпреварот, Ангели го имаа во втората минута кога по кошот на Балов поведоа со 5-3.
Пелистер потоа одговори со серија од 9-0, домаќините израмнија пред крајот на првата четвртина (17-17), но следуваа пеколни шест минути на Пелистер во кои гостите постигнаа 21, а примија само два поена за предност од 38-19 на средина од вториот период. Оттогаш до крајот разликата постојано се зголемуваше, до највисоките +32 (91-59) на пет минути пред крајот на мечот.
Ова е четврти натпревар на Пелистер сезонава на кој ја достигна границата од 100 постигнати поени, тоа не му успеа само против Феникс во претходното коло, но тимот останува убедливо најефикасен во Суперлигата. Прајс со 18 поени беше најефикасен кај Пелистер, исто колку што во тимот на Ангели постигна Кацарски.


