Дебитантот во кошаркарската Суперлига, Маџари вечно ќе го памти 2 ноември 2025 година бидејќи на овој датум ја оствари првата победа во елитна конкуренција во македонската кошарка.
По четири несреќни порази, тимот од Гази Баба денеска на исклучително драматичен начин го совлада Тиквеш со 76-74 и се тргна од дното на табелата каде го остави Чаир како единствен тим без победа во досегашните пет кола. Херој на Маџари е репрезентативецот Амар Хот кој го постигна победничкиот кош во последната секунда.
Натпреварот беше тесен и ниедна од екипите не направи повисока предност од осум разлика, а во последната четвртина двата тима неколку пати се сменија во водство. Во финалната минута Маџари влезе со 74-72, но Бошалески се погрижи за израмнување на три секунди пред крајот. Се чинеше дека мечот ќе отиде во продолжение, но Миодраг Тодоровиќ го измами противникот, смисли акција од бочен аут во која сам под кошот ќе остане Амар Хот, а младиот кошаркар само ја протна топката низ обрач. За Тиквеш остана половина секунда, во која се обиде Бошалески за тројка, но за малку не погоди.
Ветеранот Ивица Димчевски одигра извонреден натпревар и постигна 16 поени со четири тројки со што беше најефикасен во својот тим. Маџари играше без еден од најважните кошаркари Стејплтон кој во досегашниот дел од сезоната имаше просек од 17,5 поени по натпревар, но и без него дојде до историската победа. Глигоријевиќ беше убедливо најдобар играч на мечот, оствари дабл дабл со 22 поена и 12 скока, сепак недоволни за триумф на Тиквеш.


