Македонскиот првак МЗТ Скопје денеска го игра натпреварот од третото коло на АБА 2 лигата во кој ќе му гостува на босанскиот претставник и дебитант во ова натпреварување Студент од Бања Лука.
На незгодното гостување, аеродромци тргнаа без својот најдобар играч Мак Смит кој минатата недела замина во САД поради смртен случај во потесното семејство. Од истите причини тој не беше во комбинација ни за дуелот против МКК Куманово во саботата, но и без него МЗТ Скопје дојде до лесна и убедлива победа во дербито на петтото коло од Суперлигата.
Отсуството на Смит секако ќе биде проблем за Васко Атанасов бидејќи станува збор за најдобриот играч на МЗТ Скопје во досегашниот дел од сезоната. Тој беше најефикасен по првите две кола од АБА 2 лигата со вкупно 38 поени и има убедливо највисок индекс од сите играчи на шампионот – 48.
Натпреварот во Бања Лука се игра вечерва од 20 часот, а два часа претходно во Кале, ТФТ ќе го пречека тимот на Домжале.


