Битолчани ќе имаат многу причини утре до последно место да ја наполнат салата „Боро Чурлевски“.
Можеби кошарката не е спорт број 1 во овој град, но жителите ќе имаат можност да проследат дерби дуел меѓу Пелистер и МЗТ Скопје, а во исто време да бидат хумани. Поранешниот вицешампион на Македонија објави дека сите приходи од утрешниот натпревар ќе одат за семејството на битолската кошаркарска легенда Зоран Петковски кој почина пред две недели.
„Петковски беше и останува дел од историјата на КК Пелистер, а управата одлучи сите приходи од продадените влезници да бидат уплатени на семејствот на „Петкото“. Билетите по цена од 150 денари ќе можат да се набават во „Зикс“ и на билетарницата во салата „Боро Чурлевски“. Пелистер против МЗТ Скопје, двете поранешни екипи на Петковски, в сабота ќе играат во чест на битолската кошаркарска легенда. Бидете и вие дел од овој настан со хуманитарен карактер“, повика Кошаркарскиот клуб Пелистер.
Петковски ја почна професионалната кариера на само 17 години во Пелистер, во овој клуб помина вкупно 12 години во два „мандата“, а член на МЗТ Скопје беше во сезоната 2001/02.


