Екипата на Пелистер го доживеа првиот првенствен пораз оваа сезона откако вечерва на домашен терен загуби од МЗТ Скопје со 67-72.
Шампионот ја однесе победата во исклучително тензичниот финиш во кој малку недостасуваше да дојде до инцидент. Судиската тројка дури се закани дека ќе го прекине натпреварот поради протестите на претставници на домашниот тим, а на мечот беа досудени пет технички грешки од кои четири за Пелистер.
Откако првото полувреме помина во израмнета игра и домаќините на голем одмор заминаа со предност од три разлика (32-29), МЗТ Скопје ја презеде контролата над резултатот во третиот период и најчесто се наоѓаше во водство иако тоа не беше големо. Клучен беше почетокот на последниот квартал во кој аеродромци направија серија од 8-0 и отидоа на двоцифрена предност (59-49). На четири минути пред крајот ја достигнаа највисоката разлика (65-52), Пелистер во последната минута се доближи на 63-67, но немаше сили да направи пресврт. Една од причините за тоа се трите технички грешки во финишот по кои МЗТ Скопје со слободни фрлања отиде на +7.
Мекејден беше најефикасен во победничкиот тим со 20 поени, но се истакна и Гил кој оствари дабл дабл со 17 поени и 11 скока. Бобан Стајиќ го предводеше Пелистер со 17 поени.
По овој пораз, Пелистер ја загуби челната позиција на табелата каде сега се наоѓа ТФТ, додека МЗТ Скопје се доближи на една победа од битолскиот тим.


