Селекторот на женската репрезентација на Македонија, Александар Ашаданов не го криеше задоволството од остварениот триумф на стартот од квалификациите за Европското првенство.
Неговото име ќе остане запишано во историјата на македонската женска репрезентација бидејќи пред три години ја оствари првата квалификациска победа во историјата на нашиот национален тим (против БиХ во Сараево), а денеска го направи истото, но на домашен терен, прекинувајќи со тоа низа која траеше повеќе од 17 години. Младиот стручњак беше еуфоричен по триумфот и побара поголема поддршка од јавноста во продолжение од квалификациите.
„Прво да им честитам на девојките за прикажаното и борбата на теренот, покажаа како се бори за националниот грб, за мене е најубаво што овие девојки ќе бидат идоли за некои наредни генерции. Грција според мене е фаворит број еден во групата и некоја репрезентација која редовно игра на ЕП. Ќе испратам порака да дојде и публиката во поголем број да не поддржи, а овие девојки сигурно ќе излезат и ќе дадат се од себе и во тој натпревар“, рече Ашаданов.
Вториот квалификациски натпревар, македонската репрезентација го игра в сабота од 18 часот во кале, против Грција.


