Седмото коло од македонската кошаркарска Суперлига почнува утре со репризата на финалето од плејофот од минатата сезона.
По триумфот во Битола во саботата, шампионот МЗТ Скопје го пречекува вицепрвакот ТФТ во уште една пресметка на најдобрите екипи во земјава во моментов. МЗТ и ТФТ се единствените непоразени на терен во досегашните шест кола, но поради административна грешка, екипата од Аеродром службено го загуби мечот со Ангели и ѝ беше одземен бодот за пораз, па во утрешното дерби ќе влезе со заостанување од два бода во однос на градскиот ривал.
Тоа е и мотив повеќе за шампионот чии играчи ќе се обидат да му го нанесат првиот пораз на ТФТ оваа сезона. Бојан Крстевски е еден од највозрасните во македонското кошаркарско првенство и добро знае како се добиваат вакви натпревари.
„Јасно е дека ТФТ е една од екипите кои ќе се борат за највисок пласман оваа сезона и мошне добро игра на два фронта во досегашниот дел од сезоната. Ние имавме доволно време да се одмориме по минатата напорна недела во која ‘прегрмевме’ две тешки гостувања и можевме на мир да се подготвиме за утрешниот натпревар.
Очекувам да играме добро, пред се во одбраната и да ги искористиме сите наши предности за да му го нанесеме првиот пораз на ТФТ. Победата против директниот ривал за врвот ќе биде од големо значење за нас и затоа ни е потребна поддршка од нашите најверни навивачи“, изјави Крстевски за КОШ.МК.
Минатата сезона МЗТ Скопје и ТФТ играа за титулата, аеродромци беа подобри, но се чини дека противникот уште помотивирано влезе во новата натпреварувачка кампања.
„Разликата од тие финални натпревари е во странците бидејќи базата на домашни кошаркари во двете екипи е идентична, а и стилот на игра е задржан. Од тој аспект, не очекувам големи изненадувања, а секако верувам дека ќе излеземе како победници“, додава 36-годишниот репрезентативец на Македонија.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и ТФТ се игра утре од 19 часот, а потоа двете екипи ќе имаат доволно време да се подготват за исклучително важните дуели од АБА 2 лигата идната недела.


