Трета недела по ред, актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје игра дерби на колото во домашното кошаркарско првенство.
По триумфот во Битола во саботата, аеродромци го пречекуваат вицепрвакот ТФТ во уште една пресметка на најдобрите екипи во земјава во моментов. МЗТ и ТФТ се единствените непоразени на терен во досегашните шест кола, но поради административна грешка, екипата од Аеродром службено го загуби мечот со Ангели и ѝ беше одземен бодот за пораз, па во утрешното дерби ќе влезе со заостанување од два бода во однос на градскиот ривал.
Серијата тешки натпревари за МЗТ почна пред две недели против Куманово, продолжи во саботата во Битола, а денеска пред своите навивачи ќе се обидат да направат уште еден голем чекор кон врвот на табелата. На домашен терен, МЗТ е неприкосновен оваа сезона, но и во дуелите против ТФТ воопшто, имајќи предвид дека никогаш не загубиле од овој тим откако тој се натпреварува во елитната конкуренција.
И ТФТ одлично чекори оваа сезона, единствениот пораз и тоа минимален го доживеа во АБА 2 лигата откако на домашен терен загуби од Домжале пред десет дена. Вечерашниот натпревар во „Јане Сандански“ почнува во 19 часот и ќе биде вовед во седмото коло во кое има уште едно дерби, меѓу МКК Куманово и Пелистер, в недела од 19 часот.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ – 7. КОЛО
14.11.2025
МЗТ Скопје – ТФТ 19:00
15.11.2025
Маџари – Работнички 15:00
Ангели – Тиквеп 17:00
Чаир – Гостивар 19:00
16.11.2025
Феникс – Кожув 18:30
МКК Куманово – Пелистер 19:00


