Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија ги одреди казните за шестото коло од Суперлигата во кои имаше неколку бурни натпревари.
Пред се, тоа се однесува на дербито во Битола, меѓу Пелистер и МЗТ Скопје, но и на мечот межу Кожув и Маџари во Гевгелија. Домаќините на овие натпревари добија жестоки казни за организацијата, однесувањето на актерите, навивачите итн.
Пелистер ќе треба да плати вкупна сума од 122.400 денари по повеќе основи. По 50 илјади денари се казнети претставници на клубот, а останатата сума е за трите технички грешки во текот на натпреварот. Кожув е казнет со вкупно 42 илјади денари, но тука казната е поради однесувањето на навивачите кои фрлале тврди предмети, палеле експлозивни направи и неспортски навивале.
Казнети се и официјалните лица на дербито меѓу Пелистер и МЗТ Скопје со што „делумно“ е прифатена жалбата на битолскиот клуб, поднесена непосредно по натпреварот. Делегатот Данески е суспендиран на четири натпревари поради „несовесно, неуредно и непотполно спроведување одлуки, како и пропуст во навремена и правилна реакција. Сдуиите Ѓорески, Михајловиќ и Огненов се суспендирани на два натпревара во сите лиги поради „недоволно судење, согласно извештајот на контролорот и прегледување на видео материјалот“.


