Македонската сениорска женска репрезентација денеска го игра вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство во 2027 година.
Откако пред три дена на домашен терен ја совлада Данска, Македонија денеска ќе се обиде да направи сензација против Грција која гостува во Кале од 18 часот. Грчката репрезентација доживеа пораз од Хрватска на домашен терен во првото коло, па нашата селекција влегува во дуелот како подобро пласирана.
„По победата со Данска, имаме уште поголема мотивација за она што следува, натпреварот со Грција. Знаеме сите добро за каква селекција се работи, но ветувам дека ние ќе дадеме се од себе, и со една максимално пожртвувана игра ќе му се спротивставиме на фаворизираниот ривал“, изјави Илина Селцова која беше една од најдобрите во нашиот тим на дуелот со Данска.
За разлика од првиот меч, селекторот Александар Ашаданов вечерва ќе смета и на 15-годишната Теа Трајковска која треба да ја засили конкуренцијата на центарската позиција. Иако ѝ недостасува искуство, таа е една од најталентираните наши кошаркарки на која и предвидуваат блескава иднина.


