По победите против Тикевш и Кожув, дебитантот во Суперлигата, Маџари го оствари и третиот триумф во низа, но овој има најголемо значење од сите досегашни.
Пред екипата од источниот дел на градот падна 15-кратниот шампион на Македонија, Работнички, кого Маџари како домаќин го совлада со 87-80 и покрај тоа што во последната четвртина влезе со негатива од седум разлика, а во текот на мечот губеше и со 13. Со тоа Маџари покажа дека не е случајно во елитата и дека ќе има што да каже до крајот на оваа сезона.
Работнички денеска се наоѓаше во водството речиси постојано во првите 3,5 четвртини. Највисоката предност ја имаше на почетокот од третиот период (53-40) и со оглед на расположените играчи во редовите на гостинскиот тим, се чинеше дека нема да има проблеми да стигне до петтата победа во низа.
View this post on Instagram
Сепак, Маџари не се предаде, одговори со серија од 10-0 и се доближи на само три поени негатива. Работнички некако го одби тој удар, остана на сигурна дистанца, но веќе следниот не можеше. До него дојде кон средината на последниот период кој домаќините го отворија со 13-3 и поведоа со 72-69. Работнички се обиде да остане во игра, но по 73-73 на четири минути пред крајот, Маџари направи нова серија од 9-0 и тотално го скрши поранешниот шампион.
Грин беше најдобар играч на мечот со 25 поени, осум скока и шест асистенции за индекс 32, но се истакна и Амар Хот кој против својот поранешен тим оствари дабл дабл од 16 поени и 14 скока. Кај Работнички, Хатсон постигна 19 поени и 17 скока, а 16 поени додаде Ефремовски, но сите во првото полувреме. Тимот од Градски парк со ова ја прекина серијата од четири победи и пропушти можност да го задржи чекорот со водечката „четворка“.


