Дури во седмиот натпревар оваа сезона, екипата на Чаир го оствари првиот триумф, па по ова коло не само што нема да има непоразени, туку и нема да има ниедна екипа без барем една победа.
Чаирчани на домашен терен го совладаа Гостива со 96-92, по 45-минутна борба, односно по едно продолжение. Домаќините беа решени да дојдат до победа, па ја пребродија негативата од 13 поени разлика кои ги имаше тимот на Гостивар и во дополнителните пет минути дојдоа до посакуваниот триумф.
Гостивар подобро го почна натпреварот, во раната фаза направи предност од осум разлика, а во вториот период, по серијата од 12-0, отиде на 37-24. Истата разлика ја имаше и во третата четвртина (63-50) и се чинеше дека Чаир нема одговор на расположените гости, особено за Абрам кој повторно беше расположен за игра и реализација.
Сепак, во последната четвртина домашната екипа почна да притиска, израмни на 74-74, а откако Гостивар повторно се одлепи на 79-74, Чаир повторно го доведе мечот во егал на 81-81 и 83-83. Последниот напад за победа го имаше Абрам, но беше непрецизен за тројка, па мечот отиде во продолжение. Во него, Чаир дојде до првото водство по 2-0, а се беше решено кога Стардивант погоди за 91-87 на 71 секунда пред крајот. Гостите потоа загубија една топка и во пенал-завршницата Чаир беше подобар.
Се истакнаа Билингсли со 30 поени и 13 скока и новиот играч Стардивант кој постигна 29 поени. Гостивар ги имаше Абрам со 34 и Елерби со 26 поени, но недостасуваше поддршка од останатите кошаркари.


