Една од најталентираните и најперспективни македонски кошаркарки Теа Трајковски веројатно до крајот на животот ќе го памти денешниот натпревар меѓу Македонија и Грција, во квалификациите за Европското првенство во 2027 година.
Кошаркарката на Вардар, на овој меч го забележа своето деби во националниот тим и тука можеби не би имало ништо интересно, ако не се знае дека својот прв натпревар го одигра на 15 години и осум месеци. Тоа ја прави една од најмладите кои некогаш заиграле во македонската репрезентација, покрај нејзината колешка Ања Начевска која исто така дебитираше со 15 години и осум месеци, поради што и очекувањата од неа се големи.
Тинејџерката на терен помина 3:33 минути, но селекторот Ашаданов имаше храброст не да ја пушти на крајот кога победникот е решен, туку во втората четвртина кога требаше да одмори Мерит Хемпе. На своето деби, Трајковска не постигна поени, па веројатно тоа ќе биде нејзина цел на следниот меч, против Хрватска.
Младата кошаркарка на Вардар летоска беше мошне зафатена бидејќи настапи на европски првенства со две македонски младински селекции: У18 и У16. Во кадетската репрезентација беше една од најдобрите со просек од 8,2 поена и 6,5 скока, со индекс 10,7.


