Екипата на Кожув останува со максимален ефект на гостински терен оваа сезона откако вечерва го совлада Феникс во Скопје со 76-73.
По трите гостувања, гевгеличани имаат исто толку победи иако сите се изразени со разлика меѓу два и четири поени. Интересно е тоа што пред своите навивачи досега одигра четири меча, а оствари само еден триумф. Денеска славеше по голема борба во мечот со многу осцилации и голем број промени на водството.
Само последната четвртина не ја доби некоја од екипите со двоцифрена разлика. Кожув отвори одлично и по десет минути игра водеше со 21-9, но Феникс експресно се врати и на голем одмор замина со предност од 38-37. Третиот период повторно му припадна на Кожув кој направи двоцифрена предност (62-51) и се чинеше дека победникот е решен.
Домаќините не сметаа така, со серија од 14-0 во последната четвртина не само што ја стопија високата негатива, туку и поведоа со 65-64 на помалку од четири минути пред крајот. Сепак, Феникс не издржа, по неколку промени на водството, Кожув ннаправи 7-0 и на 34 секунди пред крајот поведе со 73-67. Во последните десети секунди се влезе со 74-73 за гостинскиот тим, а потоа Кузманов од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот.
Новиот играч на Кожув, Вашингтон го одбележа овој натпревар, постигнувајќи 25 поени и 12 скока, а се истакна и Пурвис со 17 поени. Кај Феникс, Рахама беше најефикасен со 19 поени.


