Селекторот на македонската репрезентација Марјан Илиевски во претстојниот циклус од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година ќе има многу поширок избор на кошаркари во однос на натпреварите што се играа летоска.
Освен што се очекува домашните играчи во поголем број да ја прифатат поканата за настап, Илиевски ќе има во комбинација дури тројца странски кошаркари од кои ќе може да избере кој ќе игра против Азербејџан и Ирска. Од Федерацијата најавија дека Ти Џеј Шортс нема да биде во комбинација, туку евентуално Џејкоб Вајли, но како решенија се наметнуваат евролигашките кошаркари Нејт Сестина и Омари Мур.
Се чини дека според досегашните изданија и формата оваа сезона, големо засилување за македонската репрезентација ќе биде Мур. Додека Сестина се уште „се бара“ во Олимпија Милано, Мур е најдобар играч на Валенсија во Евролигата. На 11 досегашни натпревари, тој осум пати беше стартер, просечно игра по 22 минути и постигнува 13 поени со индекс 14,2. Во двете статистички категории тој е прв во својата екипа.
Во шпанското првенство ситуацијата е малку поразлична, но и таму Мур е меѓу најдобрите. Игра по 19 минути, а постигнува по 8,9 поени и има просечен индекс 11. Првпат откако официјално стана Македонец, Мур ќе можеме да го видиме на дело в петок кога Валенсија го пречекува ко-лидерот на табелата во Евролигата, Црвена Звезда.


