Откако вчера ТФТ го одигра својот натпревар од четвртото коло во АБА 2, утре истото ќе го направи и македонскиот првак МЗТ Скопје кој за разлика од локалниот ривал, ќе игра на домашен терен.
Противник на аеродромци е босанскиот претставник Јахорина, едно од изненадувањата во досегашниот дел од сезоната во АБА 2. Иако дебитант во оваа конкуренција, Јахорина оствари две победи во воведните три кола и е една од деветте екипи кои го делат второто место. Сепак, тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов верува во квалитетот на своите кошаркари, а пред се во нивното искуство.
„Пред нас е натпревар во кој треба да одиграме најдобро што можеме и да оствариме значајна победа, со која ќе останеме во горниот дел од табелата. Јахорина можеби е дебитант во АБА2, но тие се тим за почитување, со состав кој не треба да се потценува. Двете победи досега го потврдуваат тоа. Сепак, сигурен сум дека квалитетот и искуството се на наша страна, а предност е и настапот на домашен терен, каде што очекувам да имам голема поддршка од трибините“, вели Атанасов во пресрет на утрешниот меч.
МЗТ Скопје во одлично расположение го дочекува натпреварот со Јахорина бидејќи во петокот го совлада вицешампионот ТФТ и во моментов е во серија од пет победи во сите натпреварувања.


