Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски бележи одличен старт на престојот во прволигашот од Италија, Тренто.
По периодот на адаптација, 24-годишниот кошаркар игра се подобро, а кулминација на неговите одлични настапи беше дуелот против Кемниц кога постигна 30 поени, безмалку третина од вкупниот број на својот тим. Иако Тренто нема резултати според очекувањата, Јакимовски може да биде задоволен од она што го покажува досега, а во иднина може да се очекува да има уште поважна улога во екипата.
„Задоволен сум како се одвива моето поглавје во Италија. Работам напорно секој ден, чекав да дојде мојот момент и го дочекав. Се надевам дека ќе биде уште подобро во следниот период и дека и резултатите на Тренто ќе бидат уште подобри“, изјави Јакимовски за КОШ.МК.
Пред Тренто е уште дуелот против Тревизо во текот на викендот, а потоа следува пауза поради репрезентативните настапи. Идната недела и македонската публика ќе има можност, по подолго време да го види на дело, на дуелот против Азербејџан, во рамките на претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.


