По двонеделната пауза поради настапот на македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство, денеска продолжува Првата женска кошаркарска лига.
Веќе на стартот има големо дерби, дуелот меѓу Вардар и Баскет Кам кои минатата сезона ги поделија трофеите во домашната кошарка. Вардар го освои Купот на Македонија, а Баскет Кам триумфираше во првенството, а како резултат на тоа се сретнаа и во Суперкупот со кој беше отворена новата сезона.
Екипата од Македонска Каменица е актуелен шампион на Македонија и единствена со максимален ефект во досегашните четири кола од првенството. Вардар доживеа еден пораз и тоа во претходното коло на гостувањето кај Крива Паканка, а заедно со уште три екипи е на делба на втората позиција во моментов. „Црвено-црните“ имаат далеку помлад и понеискусен тим што можеби ги прави аутсајдери на денешниот натпревар, но во финалето од Купот минатата сезона покажаа дека тоа и не мора да игра голема улога кога е во прашање крајниот исход.
Останатите три меча се играат во текот на викендот, а се очекува најинтересно да биде на градското дерби меѓу Бадел и МЗТ Скопје.
фото: КСМ


