По петтото коло, нема да има повеќе непоразени екипи во Првата женска кошаркарска лига откако Вардар вечерва му го нанесе првиот пораз на лидерот и актуелен шампион Баскет Кам.
„Црвено-црните“ славеа со 52-45, надминувајќи се себеси против најсилниот тим во македонската кошарка последните години. Клучна за нивната побда беше последната четвртина која домашната екипа ја доби со 14-7 откако во тие 10 минути се влезе со израмнет резултат. Претходно се водеше израмнета борба во која двете екипи се мачеа во нападот и тешко постигнуваа поени.
Покрај победата, воодушевувањето во таборот на Вардар е уште поголемо ако се знае дека прв стрелец на тимот беше 16-годишната Јана Пислевска која од неодамна е сениорска репрезентативка на Македонија. Таа постигна 16 поени и три скока за помалку од 24 минути во игра, двоцифрена беше уште Митева со 10 поени, а се истакна и Тасевскка со осум поени и девет скока.
Во тимот на Баскет Кам, Адамовска и Кметовска остварија дабл дабл (13 поени и 12 скока, односно 13 поени и 10 скока), но не добија помош од останатите кошаркарки.


