Македонскиот првак МЗТ Скопје ја оствари седмата победа во сезоната откако попладнево славеше на гостувањето во Кавадарци со 85-82.
Натпреварот имаше исклучително интересен финиш откако претходно се чинеше дека тимот од Аеродром не само што ќе ја однесе победата, туку тоа ќе го направи на убедлив начин. МЗТ Скопје моќно го почна мечот, во деветтата минута водеше со 24-14, а на крајот од првата четвртина имаше 28-15.
Двоцифрената предност ја задржа и во вториот период, во 23. минута ги достигна највисоките +19 и се навестуваше лесна работа и лесни два бода за 12-кратниот шампион на Македонија. Но, Тиквеш не се предаде и пред крајот на третата четвртина се доближи на само четири поени негатива (58-62). МЗТ го одби тој налет и на три минути пред последниот звук на сирената повторно направи убедлива предност (85-73). И кога се чинеше дека искусните играчи на шампионот рутински ќе го приведат мечот кон крајот, Тиквеш направи серија од 9-0 и во последните 30-тина секунди влезе со негатива од само три разлика. Гил промаши тројка во следниот напад, на Тиквеш му останаа 12 секунди, но Дамјан Стојановски искусно направи фаул врз Бошалески и не му дозволи да шутира тројка за евентуално израмнување. Младиот репрезентативец на Македонија, очигледно повреден од дуелот со противничкиот кошаркар, ги промаши двете слободни фрлања и МЗТ Скопје ја прослави победата.
Партија на Бошалески остана некрунсана со триумф бидејќи беше блиску до трипл дабл, постигнувајќи 19 поени, девет асистенции и осум скока како убедливо најдобар играч на Тиквеш. Мекејден и Гил го предводеа МЗТ Скопје со по 17 поени.


