Оваа недела почнуваат квалификациите за Светското првенство во 2027 година, но македонската репрезентација не успеа да се пласира во нив, па по подолго време ќе игра претквалификации за Европско првенство и тоа од првата фаза.
Своите натпревари, нашиот национален тим ќе ги почне в четврток на домашен терен против Азербејџан, а три дена подоцна ќе гостува во Даблин. ФИБА денеска направи рангирање и ја посочи Македонија како главен фаворит за првото место во групата А од претквалификациите што и не е изненадување ако се знае дека нашата репрезентација има најбогато реноме во ова друштво.
„Македонија има најголеми шанси за прогрес оваа од група, но се чини дека тимот е мошне изменет во однос на квалификациите за претходното Европско првенство. Тогаш нападот се базираше на Ти Џеј Шортс, Ненад Димитријевиќ и Итан Хап, а сега никој од нив нема да игра. Сепак, тука е Џејкоб Вајли кој треба да се погрижи за успешен старт на циклусот“, пишува во анализата на ФИБА.
На хартија, според ФИБА, главен конкурент на Македонија треба да биде Ирска која има искусна селекција, но не е за потценување ни Азербејџан каде кошарката е во подем, особено на клупско ниво.
Македонија е најдобро пласирана на ФИБА листата, се наоѓа на 59. место, Ирска е 82., Луксембург е 88., а Азербејџан е на 107. позиција.


