Откако го жртвуваше летото за да ѝ помогне на репрезентацијата во летните претквалификации за Светското првенство, Адем Мекиќ повторно му се стапи на располагање на селекторот Марјан Илиевски.
И сезонава тој во косовското првенство, во дресот на Бора каде е најдобар играч со просечен индекс 19,2, па логично е од него да се очекува, формата од клупско да ја пренесе и на репрезентативно ниво. Како и секогаш, Мекиќ е оптимист и верува во добри резултати во дуелите со Азербејџан и Ирска.
„Како што е веќе познато за нас, секој циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична пред се тимска хемија, затоа што имаме спој на младост и искуство за разлика од летото. Имаме играч како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски… сигурно на хартија сме подобра екипа одошто бевме летото, пред се поискусна, подоминантна… Се надевам на добри натпревари, на енергетски и тимски план и на позитивни резултати. Првиот меч го играме дома, тоа е еден голем плус за нас. Овој циклус е таков што нема многу време за тактика, во овој циклус ќе одлучува тимската хемија и енергијата. Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за нив, но од она што го чув во Косово затоа што тие играа претходно против нив се дека играат цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ни ги обезбедат сите информации и ќе влеземе спремни со нив“, изјави Мекиќ.


