В четврток, македонската репрезентација почнува нов циклус, овојпат во првата фаза од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.
И 16 години по своето деби, во националниот тим ќе биде Војдан Стојановски, еден од најдолговечните кошаркари во историјата на репрезентацијата. Тој е последен активен член од генерацијата која во 2011 година го освои четвртото место на Европското првенство во Литванија иако се уште професионална кошарка играат уште неговиот брат Дамјан, потоа Ивица Димчевски, а Дарко Соколов не објавил официјален крај на кариерата, но во моментов нема клуб.
Во неврзан разговор во летото 2023 година, Војдан Стојановски даде едно ветување или „збор“ поради што се уште се наоѓа во националниот тим.
„Нема да ја напуштам репрезентацијата додека не успеам да ја однесам Македонија на уште едно Европско првенство“, рече тогаш Војдан, во екот на шпекулациите дека нема повеќе да го облече „црвено-жолтиот“ дрес.
За да ја оствари својата цел, тој ќе треба уште речиси четири години да игра за Македонија и со тоа ќе заокружи 20-годишен репрезентативен стаж. Секако, не зависи само од него, туку и од останатите играчи кои во следниот период ќе имаат мотив повеќе – да му ја остварат големата желба на капитенот.
Македонија не играла на европско првенство од 2015 година, а Војдан во својата кариера настапи на четири континентални шампионати. Ако издржи до 2029 и успее во својата цел, ќе стане прв македонски кошаркар кој учествувал на пет европски првенства.


