Еден од помладите во македонската репрезентација Теодор Симиќ ќе има можност уште еднаш да ги демонстрира своите квалитети и талентот.
Нашиот национален тим денеска го почнува новиот циклус претквалификации, за Европското првенство во 2029 година, а 21-годишниот центар пак се најде на списокот на селекторот Марјан Илиевски. Како највисок во оваа селекција, се очекува Симиќ да води борба под кошевите, а пред дуелот со Азербејџан, тој ги истакна своите очекувања од натпреварот.
„Мислам дека голема предност е што првиот натпревар е во Скопје, на домашен терен и заедно со поддршката од трибините можеме да стигнеме до победата. Ќе одиме натпревар по натпревар, во моментов максимално сме фокусирани на Азербејџан. Мислам дека сме многу поискусна екипа од минатото лето бидејќи тогаш репрезентацијата беше доста подмладена, сега се вратија некои од поискусните играчи и сметам дека сме многу позрели. Зрелоста на теренот ќе ни донесе позитивен резултат на двата натпревара“, вели Симиќ.
Вечерашниот натпревар се игра од 19 часот во Кале, а во второто коло, в недела Македонија гостува во Ирска.


