Капитенот на македонската репрезентација Војдан Стојановски очекува нова добра игра на националниот тим, на гостувањето во Ирска, вечерва од 18 часот.
Македонија со убедлива победа ги почна претквалификациите за Европското првенство во 2029 година откако на домашен терен го совлада Азербејџан, ама вечерва ѝ претстои многу потежок дуел, во Даблин. На хартија, тоа треба да е најтешко гостување за нашата репрезентација во овој циклус. Стојановски смета дека националниот тим има квалитет за многу повеќе од сегашниот статус, но тоа се потврдува само на еден начин.
„Ирците се поквалитетен противник од Азербејџан. Но она што ние мораме да го сториме е да ја оправдаме фаворитската улога на терен. Најважно е да ја играме нашата игра, да покажеме 40 минути борба како против Азербејџан, ако го сториме тоа резултатот нема да изостане.
Убедливо го совладавме Азербејџан, но искрено, тоа не е мерило за квалитетот бидејќи сме далеку подобра селекција. Она што можам да го кажам е дека имаме добра група на момци кои работат напорно, гинат за секоја топка на теренот и покажуваат карактер, што е најава за уште подобри резултати во иднина. Јас сум убеден дека можеме да играме далеку поквалитетно, особено кога би биле комплетни со враќањето на Димитријевиќ и на Маслинко.
Ме радува тоа што атмосферата е на највисоко ниво. Имаме добри услови за работа, што е предуслов и за добри резултати. Искрено, мислам дека не ни е местото во оваа група. Односно дека имаме многу поголем квалитет од нив, а тоа сакаме да го покажеме на терен. Да бидеме први во групата и да се пласираме во главните квалификации, и да играме со репрезентации кои се на нашето ниво“, рече Војдан во пресрет на вечерашниот натпревар.
Македонија досега одигра три натпревари против Ирска и оствари две победи, а загуби во Даблин пред 24 години.


