Американскиот интернационалец со македонски пасош Итан Хап е нов член на АЦБ-лигашот Бургос.
Неодамна тој ја напушти Валенсија, а во Бургос ќе се обиде да ја спаси кариерата откако надвор од терените беше повеќе од една година. Во почетната фаза од ланската сезона тој доживеа повреда на прст на десната нога поради што не заигра до крајот на натпреварувачката кампања, а во јуни годинава му беше извршена операција и дури сега се враќа на терените.
Поради повредата, минатата сезона ја заврши со само пет одиграни натпревари, па сега му претстои долг пат кон враќање во посакуваната форма. Хап има искуство во шпанската кошарка бидејќи, освен во Валенсија, играше и во Гран Канарија.
Од 2024 година тој е член на македонската репрезентација, но поради повредата за неа одигра само два меча, на стартот од квалификациите за минатото Европско првенство. Настапи на дуелите против Естонија и Полска и остави фантастичен впечаток, се очекуваше дека ќе биде долгогодишен центар на нашиот национален тим, но од оправдани причини повеќе не го облече црвено-жолтиот дрес.


