По заминувањето на двајцата американски интернационалци Брет Томпсон и Џејкоб Хатсон, тренерот на Работнички, Владимир Мирковски се соочува со нови главоболки во пресрет на продолжението од првенството.
Нов тежок удар за тимот кој ионака е во големи проблеми, дојде по репрезентативните настапи на кои Работнички даде еден играч, а и тој се врати повреден. Станува збор за најискусниот во тимот Стојан Ѓуровски кој се повредил на мечот против Азербејџан, а лекарските прегледи потврдиле истегнување на задната ложа. Стручниот штаб добил препораки за соодветна терапија и играчот ќе мора да мирува во следниот период.
Неговото враќање на тренинзите ќе зависи од динамиката на опоравувањето, тој сигурно нема да игра в сабота против Ангели, а не е исклучено и да го пропушти големото дерби против МЗТ Скопје идниот викенд.
По повредата на Ѓуроски, Работнички остана со само девет сениори меѓу кои двајца странци и четворица кои досега имаа минимална минутажа. Ростерот ќе мора повторно да се крпи со 14-годишните Андреј Аврамовиќ и Рон Јетиши.


