Кошаркарскиот клуб Работнички наскоро ќе се врати во својот дом во Градски парк бидејќи реновирањето на салата во Градски парк е во завршна фаза.
Враќањето е планирано за идната недела кога 15-кратниот шампион треба да го пречека МЗТ Скопје.
„Поставуваме нов паркет на теренот од 700 м², кој веќе следната недела ќе биде целосно завршен. Во тек е и доинсталација на семафорите, додека осветлувањето и озвучувањето се веќе финализирани.

Салата е целосно енергетски ефикасна, со подно греење, современ систем за ладење, греење и проветрување, нови трибини, црвено-бел амбиент во боите на КК Работнички, соблекувални, простории за судии, медицинска и допинг-контрола, како и инклузивни тоалети со пристапна рампа.
Ова не е само реконструкција – ова е ново поглавје за Работнички и за спортот во Центар!“, објави градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Работнички не игра во Градски парк од есента 2020 година, а враќањето во својот дом, екипата ќе го дочека во лошо расположение. Не само што се наоѓа во серија порази, туку неделава остана без двајца американски кошаркари, Стојан Ѓуроски е повреден и во моментов има само девет сениори во ростерот.


