Денеска и утре на програмата е деветтото коло од македонската кошаркарска Суперлига, прво по двонеделната пауза поради настапот на репрезентацијата во претквалификациите за Европското првенство.
Централниот меч е во Битола каде Пелистер ќе го пречека ТФТ во директен дуел за првото место на табелата. Во моментов на чело е скопскиот тим, но со евентуален триумф, Пелистер ќе избие на врвот, на две кола пред крајот на првата полуетапа.
ТФТ досега никогаш не победил во Битола, но оваа сезона игра исклучително зрело за што доказ се резултатите и во домашното првенство и во АБА 2. Единствеениот пораз го доживеа во дербито со МЗТ Скопје пред две кола. Пелистер до пред три круга беше перфектен, но ноември да го памти по добро. Прво на домашен терен загуби од шампионот, а потоа доживеа и неочекуван пораз од Гостивар на гостински терен со што падна од челната позиција. Денешното дерби веројатно ќе значи дека тимот што ќе победи ќе ја заврши годината како лидер.
Својата шанса да се израмни со водечките ќе ја бара МЗТ Скопје кој и натаму е единствен тим во македонското првенство без пораз на терен. Шампионот утре во „Јане Сандански“ го пречекува Кожув во реприза на финалето од Купот на Македонија, како и од Суперкупот. Во двата меча победи МЗТ Скопје, но особено се соочи со проблеми во Суперкупот кога победникот беше неизвесен до последниот звук на сирената.


