Актуелниот вицешампион на Македонија, ТФТ има голема шанса да ја заврши годината на лидерската позиција на табелата откако вечерва славеше во дербито против Пелистер со 87-83.
Тоа е прва победа на ТФТ на гости кај Пелистер откако овој клуб се натпреварува во елитната конкуренција во Македонија и покрај тоа што овие две екипи веќе имаа неколку епски дуели досега. Воедно, битолчани го претрпеа вториот пораз во низа, трет во последните четири натпревари и втор во дерби-дуелите со екипа која е во топ-3.
ТФТ дојде до победата благодарение на подобрата игра во второто полувреме во кое постигна 55 поени. Првото полувреме помина во израмнета игра, но благодарение на серијата од 7-0 во финишот од втората четвртина, Пелистер отиде на голем одмор со предност од 40-32. Сепак, доминацијата на домашниот тим не траеше долго бидејќи веќе кон средината на третиот период ТФТ ја достигна негативата и повторно се играше израмнето, до околу три минути пред крајот на мечот. По израмнувањето на 75-75, ТФТ постигна пет поени во низа, за потоа со тројката на Говенс и да поведе со 83-77.
Пелистер ја испушти својата шанса откако Митревски ја врати тројката бидејќи потоа, при изведувањето, Гордон ја загуби топката, за веднаш потоа Вилсон да ја испрати во аут. Вториот важен момент се случи по трите погодени слободни фрлања на Стајиќ со кои домаќините израмнија на 83-85. Враќајќи се во одбрана, Лука Стојановски направи неспортски прекршок по што Иванов ги погоди двете слободни фрлања и ТФТ доби напад. Гордон потоа промаши два „пенала“, но Пелистер не го искористи својот напад и ТФТ прослави историска победа.
Дејвис со 25 поени го предводеше гостинскиот тим, Гордон постигна 22, а Говенс 14. Стајиќ и Малешевиќ со по 20 поени беа најефикасни кај Пелистер.


