По поразот на Пелистер од ТФТ, шампионот МЗТ Скопје денеска има шанса да избие на второто место на табелата ако успее на домашен терен да го победи Кожув, во репризата на финалето од Купот на Македонија, како и од Суперкупот.
Аеродромци играат на домашен терен каде последните сезони се речиси непобедливи. Минатата сезона пред своите навивачи имаа проблеми против денешниот противник, успеаја дури во финишот да го скршат отпорот на тимот од Гевгелија, но секако се големи фаворити за триумфот. Денешниот натпревар е и генерална проба за „вечното“ дерби кое се игра идниот викенд. Репрезентативецот Андреј Андоновски очекува триумф на МЗТ Скопје и продолжување на победничката серија во домашното првенство.
„Ова е прв натпревар по репрезентативната пауза во која што имавме поголем период да поработиме на некои аспекти од нашата игра. Како екипа сме во добар ритам и сакаме да продолжиме така. Не потценуваме никого, но верувам дека со агресивна игра можеме да ја наметнеме контролата на натпреварот и да стигнеме до уште една победа. Само од нас зависи кој ќе излезе како победник од овој меч“, рече Андоновски пред денешниот натпревар.
Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Кожув почнува во 18 часот и е претпоследен од деветтото коло на Суперлигата кое го затвораат екипите на Феникс и Чаир.


