Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје ја оствари осмата победа во сезоната и се искачи на втората позиција на табелата, веднаш зад лидерот ТФТ.
Аеродромци славеа во репризата од финалето на Купот на Македонија, против Кожув со 101-79 во меч кој требаше да биде второ дерби на деветтото коло. Неизвесност речиси да немаше бидејќи МЗТ Скопје ја заврши работата веќе во првото полувреме, поточно во втората четвртина која ја доби со 29-15.
Кожув водеше само во втората минута кога по тројката на Вашингтон, на семафорот стоеше 3-2 за гостинскиот тим, а нешто подоцна беше и 5-5. Се останато му припадна на домаќинот кој сите дилеми ги реши со серијата од 11-0 кон средината на втората четвртина од која излезе со предност од 19 разлика (46-27). До крајот на мечот, атмосферата на теренот наликуваше на посериозен тренинг за двете екипи во која МЗТ Скопје рутински ја задржа предноста, дури и со играчите кои не се стандардни оваа сезона.
Андреј Магдевски го потврди подемот во формата, постигнувајќи 21 поен, пет скока и пет асистенции, Гил додаде 19 поени, а Петков 15. Вашингтон од Кожув беше најефикасен играч на натпреварот, со 30 поени.
фото: КК МЗТ Скопје


