Екипата на Чаир ја оствари третата победа во низа откако вечерва славеше на гостувањето кај Феникс со 81-71.
Со тоа ја уништи забавата на домашниот тим кој вечерва официјално ја отвори реновираната сала во Маџари која од пред неколку месеци е во сопственост на клубот. Се беше подготвено за прослава со стил, но Чаир не дозволи да биде само декор.
Гостите тргнаа силно и во ниеден момент од мечот не беа во негатива. Отворија со 7-2, во шестата минита водеа со 15-7, а во финишот од воведната четвртина и со 24-10. Феникс имаше свои моменти, но не успеа да фати континуитет, па Чаир ја одржуваше високата предност, со мали осцилации во играта и резултатот.
На стартот од второто полувреме, чаирчани ја достигнаа највисоката предност (50-33), Феникс потоа одговори со серија од 10-0, а најмногу се доближи на четири минути пред крајот кога на семафорот стоеше 50-53. Чаир го одби тој налет со серија од 9-1, домаќините и во последната четвртина дојдоа на 59-63, ама и тогаш Тачи и Чатман се погрижија да се врати високата предност која остана недостижна за Феникс.
Билингсли беше најдобар играч на Чаир со 22 поена и 12 скока, но се истакнаа и Четмен со 18 поени и особенон Тачи со 11 поени, 10 асистенции и шест скока. Рахама и Ниа го предводеа Феникс со по 16 поени.


