На вчерашниот натпревар против Чаир, македонскиот кошаркарски прволигаш Феникс ја промовираше својата нова база, во скопската населба Маџари.

Салата „Методија Андонов Ченто“, во рамките на Основното училиште „Наум Наумоски Борче“ од пред неколку месеци е во сопственост на овој клуб кој ја доби на концесија во следните 20 години. Во меѓувреме објектот е целосно реновиран, обновени се паркетот, кошевите и останатите придружни елементи со што доби модерен изгледа. Феникс во иднина нема да се шета низ Скопје, туку своите натпревари ќе ги игра во својот нов дом.

„Во салата е реновирано се од корен, почнувајќи од соблекувалните, поставен е нов семафор, а наскоро ќе има и нова теретана во која кошаркарите ќе мораат да вежбаат. Објектот ќе биде на реасполагање на нашите кошаркари речиси 24 часа, тука ќе тренираат сите, од најмладите, до сениорскиот тим и тука во иднина ќе ги играме своите натпревари во Суперлигата. Најважно од се, целата инвестиција е наша, односно на Кошаркарскиот клуб Феникс и пријателите. Ова ќе биде наш нов дом од кој ќе излегуваат нови репрезентативци на Македонија. Голема благодарност до Општина Гази Баба и градоначалникот Бобан Стефковски кои постојано ни излегуваат во пресрет и се големи поддржувачи на спортот“, изјави сопственикот и тренер на Кошаркарскиот клуб Феникс, Денис Дервишевиќ.

Клубот од Гази Баба има една од најпознатите и најтрофејни школи во земјава од каде излегоа бројни кошаркари кои сега настапуваат во македонското првенство и во странство, како и играчи кои се актуелни репрезентативци на Македонија. Новата сала ќе помогне да продолжи тој процес и во иднина Феникс да бележи уште поголеми успеси во сите категории.





