Со вкупно 125 поени или нешто над 15 по натпревар, Чарлс Гил е најефикасен играч на МЗТ Скопје во досегашниот дел од кошаркарската Суперлига на Македонија и го има вториот највисок индекс во АБА 2 лигата од редовите на шампионот.
Сето тоа го прави најголема опасност за противничките екипи и секако исклучок нема да биде Работнички кој е следен ривал за 12-кратниот шампион на Македонија. Гил дојде во МЗТ Скопје летоска и досега ја оправда довербата и на стручниот штаб и на раководството на клубот.
„Многу сум задоволен од досегашниот дел од сезоната. МЗТ Скопје покажа висок потенцијал, а и индивидуално, горд сум на тоа како играм иако секогаш има простор за напредок“, вели Гил за КОШ.МК.
Пред МЗТ Скопје е дербито со Работнички кој повторно има кадровски проблеми откако за краток период остана без тројца од странските кошаркари. Аеродромци се фаворити на тој меч, како што впрочем беше најчесто во последната деценија.
„Ми кажаа дека дербито со Работнички секогаш е возбудлив настан, дека постои жестоко ривалство со богата историја, а атмосферата е наелектризирана. Навивачите на двете екипи носат многу страст и внесуваат дополнителна возбуда на натпреварите. Сепак, најважна работа што ја научив за дерби дуелите со Работнички е декас тоа се натпревари што мора да се добијат.
Што се однесува конкретно до неделниот натпревар, имам високи очекувања од МЗТ Скопје и верувам во наша победа. Верувам дека тоа ќе биде меч со визок интензитет и знам дека јас и моите соиграчи ќе направиме се за победа. Ќе биде тоа одлично искуство и за мене и за навивачите“, додава Гил.
МЗТ Скопје го дочекува дербито како второпласиран на табелата и со само еден пораз и тоа административен, поради грешка во составотт. Работнички има биланс 5/4, но ќе биде домаќин на дуелот што ќе се одигра во Кале.


