В недела, во 18 часот, во СРЦ Кале ќе се игра најголемото македонско кошаркарско дерби, меѓу Работнички и МЗТ Скопје.
Без разлика на пласманот на табелата, дуелите на скопските екипи секогаш го привлекувало вниманието на љубителите на спортот во земјава. Кошаркарскиот клуб Работнички овојпат одлучи да го искористи дербито за промоција на уметноста во земјава или конкретно за поддршка на македонскиот кандидат за Оскар – „Приказната за Силјан“.

Целта на клубот од Градски парк е да ги повика навивачите на двата клуба, Сити Парк Бојс и Фемили Аеродром масовно да гласаат за филмот во гласањето за награда од публиката. Audience Choice Prize е награда што го издвојува документарниот филм кој ја освојува светската публика во дадената година. Во документарниот свет, ова признание може да биде предвесник за следниот голем успех, влез во најтесниот избор за Оскар и затоа секој глас е важен и може да има значително влијание врз патот на филмот.
„Спортот и културата се наши најдобри амбасадори и треба да работиме заедно и заемно да се поддржуваме. Сега е моментот Македонија повторно да се обедини и да покаже колку силно стои зад своите автори. Сите сме за Силјан, сите сме за Тамара Котевска“, велат од Работнички.
Гласањето се затвора на 16 декември 2025 година во 02.00 часот, а може да се гласа на овој линк: https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/.


