Десеттото коло од кошаркарската Суперлига го носи најголемото дерби во македонската кошарка, меѓу Работнички и МЗТ Скопје.
Дуелот требаше да се игра во Градски парк и со него свечено да биде отворена реновираната сала, но сепак работите не се довршени и Работнички ќе го пречека својот ривал во Кале. Последната деценија МЗТ Скопје е доминантен во дуелите со Работнички, а сега се наоѓа и во далеку подобра форма и поповолна позиција од тимот од Центар кој за краток период остана без тројца странски кошаркари. Сепак, тренерот на Работнички, Владимир Мирковски не планира да се предаде.
„МЗТ можеби важи за фаворит на хартија, но на дерби нема фаворити. Овој дуел се игра со срце, карактер и борба за секоја топка. Ние не се предаваме никому однапред – ќе излеземе агресивно, дисциплинирано и ќе покажеме дека на вакви натпревари одлучува желбата, а не имињата. Ќе се бориме до последната секунда.
Сите што ќе истрчаат на теренот ќе го дадат својот максимум. Имаме проблеми, но овие момци вистински го сакаат Работнички и, и покрај целата ситуација, редовно и вредно тренираат и работат – како и целиот стручен штаб. Навивачите тоа го препознаваат и им даваат огромна поддршка. Очекувам преполна сала, со две навивачки групи кои ќе му дадат посебен шмек на натпреварот.
На крајот – да победи кошарката“, изјави Мирковски за КОШ.МК
За него ова ќе биде прво дерби како главен тренер на еден од актерите. Пред околу една деценија, тој се наоѓаше во стручниот штаб на МЗТ Скопје со кого освои и една шампионска титула, како асистент на Алеш Пипан.


