Екипата на Маџари е победник на првото суперлигашко дерби на Гази Баба, против локалниот ривал Феникс.
Дуелот се одигра на „неутрален“ терен, во Кале, Маџари победи со 85-80, а победникот се решаваше во последната минута. Формалниот домаќин на овој натпреварот во текот на натпреварот имаше и 13 поени предност, но Феникс се врати и имаше реална шанса да дојде до победата.
Маџари подобро го почна натпреварот, водеше со 17-9 по шест минути игра и 23-13 на крајот од воведната четвртина. Во 16. минута ја достигна и највисоката предност (36-23), но потоа Феникс одговори со 18-2, како резултат на што го презеде водството (41-38). На голем одмор беше нерешено, а потоа почна брканицата која траеше цело второ полувреме. Маџари привидно ја имаше иницијативата, но сега Феникс не дозволи резултатски да се одлепи.
На крајот, се се решаваше во последните 40-тина секунди во кои се влезе со 78-78. Клучниот кош, односно тројка, го постигна Грин, во следниот напад играчите на Феникс имаа два шута за тројка и израмнување, но Рахама и Златевски не беа прецизни. Хот на крајот ја прифати топката, Грин беше фаулиран и од линијата за слободни фрлања стави точка на сите дилеми.
Грин со 18 поени беше најефикасен кај Маџари, но Хот е најзаслужен за победата, со постигнати 12 поени и 18 скока и индекс 30. Кај Феникс, Дајсон постигна 23 поени, а Рахама 19 поени и 12 скока.


