Актуелниот шампион МЗТ Скопје уште еднаш ја потврди својата доминација во однос на Работнички и без поголем напор го совлада со 90-72, во првото дерби оваа сезона.
Најважниот дел од работата, аеродромци го завршија во воведните две минути од втората четвртина која ја отворија со 10-3 и првпат направија двоцифрена предност (35-24) која потоа ја одржуваа до крајот на натпреварот. Работнички во одредени периоди знаеше да заигра подобро, но не толку за да се симне на едноцифрена негатива и да ја врати драматиката.
Не ни имаше сили за тоа бидејќи речиси целиот натпревар го одигра со само шестмина кошаркари, ако не се сметаат настапите на Бојан Стојановски и Максим Трајковиќ кои заедно на теренот поминаа 96 секунди. Не играше ниту Стојан Ѓуроски, па целиот товар падна на стартната петорка, плус резервистот Борјан Стојановски.
Во такви услови, на МЗТ Скопје не му беше тешко да ја одржува високата предност, најголемата изнесуваше 22 разлика и натпреварот да го сведе на посериозен тренинг.
Мекејден со 22 поена беше најефикасен во победничкиот тим, Војдан Стојановски додаде 18, а се истакна и Марин Петков со 17. Кај Работнички, Алстон реализира 20 поени, а изненадување беше поранешниот младински репрезентативец Филип Наков кој ја искористи поголемата минутажа и постигна 17 поени со само едно промашува за два (8/9).
Со оваа победа, МЗТ Скопје ја продолжи потерата по лидерот ТФТ, додека Работнички најверојатно ќе го заврши десеттото коло како седмопласиран на табелата.
фото: КФМ


