Првпат оваа сезона Кожув врза две победи на домашен терен откако вечерва го совлада МКК Куманово со 100-92.
На денешниот триумф му претходеше тренерска смена бидејќи пред неколку дена Апостоли Апостолов поднесе оставка и на негово место беше назначен Љупчо Малинков. Тоа се покажа како успешна шок терапија, па гевгеличани конечно победија на еден дерби дуел оваа сезона.
Натпреварот го одбележаа резултатските пресврти бидејќи Кожув во раната фаза од натпреварот поведе со 11 разлика (22-11), за подоцна МКК Куманово да ја преземе контролата и на две минути пред крајот на полувремето да поведе со 41-34. Третиот период помина во израмнета игра пред финалната пресметка во последните десет минути.
Мечот беше отворен се до две минути пред крајот кога Кожув постигна шест поени по ред и поведе со 91-83, предност која за гостите се покажа недостижна.
Родни Пурвис одигра извонредено ефикасен натпревар, постигнувајќи 30 поени, но се истакна и Вашингтон со 20 поени и 10 скока. Кај МКК Куманово, Стевановиќ се истакна со 27 поени, а Митевски додаде 22.


