Викендов завршува есенската полусезона во македонската кошарка, а поранешниот вицешампион Пелистер ќе ја заокружи со дуел против Кожув на домашен терен.
Мечот е закажан за сабота со почеток во 18.30 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, а раководството и менаџментот на клубот одлучи тој да биде од хуманитарен карактер.
„Победата ќе биде приоритет на овој дуел, а КК Пелистер како општествено одговорен клуб повторно ја потврдува својата големина и надвор од кошаркарскиот терен. Ја продолжуваме традицијата последните натпревари да бидат од хуманитарен карактер, тоа ќе биде случај и за дуелот со Кожув, од кој сите приходи од продадените влезници ќе бидат распределени за битолскиот Црвен Крст, како и за Домот за Деца без родители. Децата заслужуваат радост и што повеќе среќни моменти во овој празничен период, мило ни е што ќе дадеме свој придонес за да се помогне на оваа најранлива категорија. Воедно, како клуб ги повикуваме сите оние кои се во можност да се приклучат на оваа хуманитарна акција“, објави Пелистер.
Пелистер неочекувано се најде во серија од два пораза на домашен терен, па дуелот со Кожув ќе биде шанса да се врати на победнички патеки пред своите навивачи.


