Екипата на ТФТ ќе ја заврши 2025 година како најдобар тим во македонската кошаркарска Суперлига откако вечерва на домашен терен го победи Тиквеш со 89-58.
Тоа е највисока победа за тимот од Тафталиџе оваа сезона и покрај фактот што по првото полувреме резултатот беше израмнет. Во продолжение домаќинот се разигра и го прегази својот ривал, за огромно задоволство во редовите на ТФТ.
Во првите 20 минути Тиквеш одлично се држеше и покрај тоа што ТФТ го имаше највисокото водство (29-23). На голем одмор се замина со 32-32 што требаше да биде најава за неизвесен натпревар до крајот, но се случи спротивното. ТФТ првпат се одлепи кон крајот на третиот период кога поведе со 52-45, а во последниот квартал тотално доминираше и му дозволи на Тиквеш само 13 поени. Со неколку кратки серии од 6-7 поени, домаќините почнаа да го мелат ривалот до конечните +31.
Петмина кошаркари на ТФТ постигнаа двоцифрен број поени, најмногу од нив Сомервил – 19. Два помалку имаше најефикасниот играч кај Тиквеш, Дес, додека Андерсон оствари дабл дабл со 14 поени и 11 скока.
фото: КФМ


