Годината во која првпат во својата историја успеа да се пласира во елитната конкуренција во македонската кошарка, екипата на Маџари ја заврши со првата „стотка“.
На гостувањето во Кисела Вода, кај градскиот ривал Ангели, тимот од Гази Баба славеше со 101-77 за шестата победа во сезоната која гарантира пласман во првата половина од табелата по воведната полуетапа. Натпреварот помина целосно во знакот на Маџари, додека Ангели само еднаш беа во водство и тоа по слободно фрлање на Настевски во втората минута, со 3-2.
Маџари одговори со серија од 11-0 за водство од 13-3, подоцна водеше и со 22-9, а пред крајот на четвртината и со 25-11. Домаќините за момент ја вратија неизвесноста кон средината на вториот период кога се доближија на 28-32, но Маџари потоа направи серија од 8-0 за на голем одмор да замине со големи 50-36. Во третиот квартал разликата отиде и над +20, па повеќе немаше враќање за Ангели.
Грин и Луканоски со по 18 поени беа најефикасни кај Маџари, но се истакна и Хот кој постигна 14 поени и 9 скока за индекс 24, највисок на мечот. Ренг ги предводеше Ангели со 19 поени и 7 скока.


