Актуелниот шампион МЗТ Скопје ја заврши годината на втората позиција на табелата откако денеска, во последниот меч од 11. коло, на домашен терен го победи Чаир со 76-48.
Аеродромци бавно го почнаа натпреварот и речиси цела прва четвртина беа во негатива, но победникот го решија благодарение на фантастичната игра во вториот период. Отворија со серија од 13-0, четвртината ја добија со 25-6 и по 20 минути игра, на семафорот стоеше 41-25 по што повеќе немаше дилеми околу конечниот исход.
Мак Смит беше најефикасен во победничкиот тим со 17 поени, Гил додаде 14, а Магдевски оствари дабл дабл со 10 поени и 10 асистенции.
Кај Чаир, Тачи беше најефикасен со 12 поени, а интересно е тоа што ниеден од резервите не се запиша во листата на стрелците. Чаир со ова ја прекина серијата од четири победи во домашното првенство.


