Капитенот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Анџелика Митрашиновиќ е прогласена за најдобра кошаркарка за 2025 година, во изборот на КФМ.
Плејмејкерот на швајцарскиот Фрибург зад себе има фантастична година, што е само продолжение на нејзината извонредна кариера. Меѓу другото, таа беше најзаслужна за првата победа на домашен терен во квалификациски натпревар за Европско првенство, во историјата на македонската репрезентација, против Данска минатиот месец.

Трета година по ред, признанието за најдобра млада кошаркарка оди кај новиот член на Мега од Белград, Ања Начевска со тоа што од оваа сезона, наградите за младинците се поделени по возрасни категории. Начевска, која минатата сезона настапуваше во Вардар, е најдобар во У18 категоријата. До 16 години, најдобра е Јана Пислевска од Вардар, а до 14 години, признанието отиде кај Ана Марија Димитровски од КК Петровски од Битола.

Најдобар стрелец е кошаркарката на Баскет Кам и една од најдобрите во земјава Ивана Кметовска, додека за најдобар судија-жена е прогласена Ема Никочевиќ која имаше бурна година на приватен план, но излезе како победник. Најдобар тренер во женска конкуренција е Жаклина Стојановска која со Баскет Кам ја освои шампионската титула минатата сезона, а Баскет Кам е прогласен за клуб на годината.


