Со дуелот против Чаир во неделата, шампионот на Македонија, МЗТ Скопје официјално го заврши есенскиот дел од сезоната и си обезбеди одмор од околу еден месец со оглед на тоа што следниот меч го има на 14 јануари во АБА 2 лигата.
Во Аеродром има причини за задоволство иако е јасно дека можеби можеше подобро, особено во регионалното натпреварување. МЗТ Скопје веќе освои еден трофеј, во домашниот Суперкуп, а во пролетниот дел од сезоната ќе атакува и на останатите три. Еден од најискусните во тимот Бојан Крстевски го оценува досегашниот дел од натпреварувачката кампања.
„Генерално, задоволен сум од досега прикажаното на МЗТ Скопје и можам да кажам дека одиме во вистинска насока. Сметам дека се зависи од нас и дека ако бидеме на висина на задачата, ќе имаме уште една успешна година. На домашен план тераме одлично и да не беше таа административна грешка, сега ќе бевме првопласирани на табелата бидејќи победивме на сите натпревари. Во АБА 2 можеше подобро, но до крајот на основниот дел од сезоната ни претстојат три меча и ако ги добиеме, ќе имаме добра стартна позиција во плејофот.
Во продолжение од сезоната ќе бидеме дополнително засилени со повратникот Душан Танасковиќ кој ќе ни помогне во остварувањето на целите. Во секој случај, очекувам успешна кампања во која повторно ќе ги израдуваме нашите навивачи и на крајот заедно ќе славиме. Сакам да им порачам на фановите дека ни е потребна поддршка и дека би било добро да ги има во што поголем број на нашите навивачи на домашен терен“, рече Крстевски.
На новогодишен „распуст“, МЗТ Скопје замина како второпласиран во домашното првенство и петти во АБА 2 лигата, но најважните битки допрва следуваат.


