Нема да биде изненадување ако по повеќе од две децении, Велес повторно добие клуб во елитната кошаркарска конкуренција бидејќи Борец игра одлично оваа сезона.
Тимот од Велес е на делба на челната позиција во Првата лига – група Б, заедно со Струмица и Соколи, а годината ја заврши со фантастична победа во дуелот со Ролинг. Велешани славеа со 77 поени разлика (127-50) што е една од највисоките победи во историјата на македонската кошарка.
Само Несторовски и Сапроновски постигнаа повеќе поени од цела екипа на Ролинг (27+26), а во второто полувреме Борец имаше неверојатна серија од 40-4.
Рекордната победа во македонската машка кошарка ја има поранешниот прволигаш Торус кој во 2010 година го победи Пелистер со 132-46. Две години подоцна Кожув ја победи Струмица со 84 разлика, во 2018 година Блокотехна славеше против Шкупи со 81, а зад нив е Работнички кој пред 15-тина години ги победи Фаворити со 80 разлика.
Триумфот на Борец доаѓа пет дена откако во женската Суперлига, Вардар го совлада Патриот од Делчево со 101 поен разлика.


