Откако пред три години стигна до финалето, Феникс и оваа сезона ќе учествува на завршниот турнир од Купот на Македонија.
Тимот од Гази Баба е единствен што направи брејк во првата фаза од ова натпреварување откако вечерва славеше на гости кај Чаир со 83-79. Иако гостин, Феникс ја имаше контролата над резултатот речиси цел меч и заслужено дојде до триумфот против градскиот ривал.
Победникот се решаваше во последните три минути, по моментот кога Чаир по тројката на Тачи намали на 74-76. Дајсон врати со иста мерка на спротивната страна, но многу поважно, домаќините останаа без кош 2,5 минути. Чаирчани пак се доближија на -2 на 28 секунди пред крајот, но во пенал завршницата гостинските кошаркари беа непогрешливи и дојдоа до победата.
Рахама повторно беше најефикасен кај Феникс, со 21 поен, Наумоски додаде 16, а Ниа 14. Тачи го предводеше тимот на Чаир со 23 поени. Во четвртфиналето од Купот, Феникс ќе игра против најдобриот тим од првата полуетапа ТФТ.


