Крајот на „есенската“ полусезона во кошаркарската Суперлига на Македонија донесе лоши вести за екипата на Гостивар.
На неколку дена по последниот меч, во рамките на Купот на Македонија против Маџаари, тимот го напушти првиот стрелец не само на Гостивар, туку и на Суперлигата, Глен Абрам. На 11. натпревари од првата полуетапа, Американецот просечно постигнуваше по 21,3 поени и беше најзаслужен што Гостивар ја избегна последната позиција на табелата иако и 11. место не е успех со кој тимот би се гордеел.
Својата кариера, Абрам ќе ја продолжи во српскиот прволигаш Вршац кој му понуди подобри услови и можности за развој. Меѓу другото, Вршац се натпреварува во АБА 2 лигата, па досегашниот играч на Гостивар ќе има можност и за меѓународни натпревари.
Со ова продолжува трендот на заминувања на странските кошаркари од Македонија, незадоволни од условите кои ги имаат во своите клубови. Конкретно Гостивар има постојан проблем со ладна сала и со финансии поради штоо оваа сезона е загрозен и суперлигашкиот статус на клубот. Со оглед на тоа што испаѓаат три екипи, гостиварци ќе имаат тешка задача да изборат опстанок во елитата.
фото: КФМ


