Уште една година во македонската кошарка помина во целосна доминација на МЗТ Скопје кој суверено освои се што можеше на домашен терен.
Со доминацијата на МЗТ, продолжи и жетвата на трофеите на најмладиот освојувач на шампионска титула во македонското првенство Васко Атанасов. Откако во 2023 дојде на местото на Драган Николиќ, струмичанецот освои „осум од осум“, не дозволувајќи ниеден негов колега или ривал да се искачи на врвот во кое било домашно натпреварување иако постоеја услови да се случи такво нешто, како финалето на Купот во 2024 против Пелистер, Суперкупот против Кожув минатиот септември, па и финалната серија од плејофот со ТФТ. Атанасов ги „преживеа“ сите бури и покажа дека, иако само 31-годишен, пред него е светла тренерска кариера.

Во паузата поради новогодишните и божиќните празници, Атанасов сумира што се случуваше во претходниот период и што очекува до крајот на оваа сезона.
Како би ја оценил 2025 година, сметајќи ги сите натпреварувања во кои учествува(ше) МЗТ Скопје?
„Можам да кажам дека 2025 за нас како тим беше успешна, година во која се освоија три трофеи и во која забележавме добри резултати, како тимски, така и индивидуални. Пред се, задоволен сум од напредокот и растот на играчите кои ќе бидат идни лидери на МЗТ, како во тек на мојот престој, така и по моето заминување.“
Кој е моментот што ќе остана во сеќавање од годината што помина?
„Секако Куп турнирот во Гевгелија каде МЗТ Скопје ја прикажа својата најдоминантна игра во сите аспекти и во својата историја и во историјата на ова натпреварување. Натпреварите ги добивме со просечна разлика од речиси 25 поени, а како тренер, најубаво е чувството кога го гледате својот тим да игра на таков начин.“

Што можеме да очекуваме од МЗТ Скопје во новата година?
„Борба на терен и игра која ќе не води кон одбрана на трофеите кои се освоени и напад на оној што ни фали.“
Во кои делови од екипата или играта има простор за напредок и на што ќе се обрне внимание во продолжение од сезоната?
„МЗТ оваа сезона се уште нема одиграно натпревар во полн ростер, така што уште го немаме видено целиот потенцијал на овој тим. Очекувам екипата да изгледа доста поинаку и подобро со враќањето на Маслинко и потписот на Танасковиќ.“

Има ли МЗТ сили за враќање во АБА лигата?
„Секако да, со овој ростер сум уверен дека МЗТ може да се врати во елитата. Потребна е многу работа и малку среќа.“
На личен план, за помалку од три години, стана најуспешен тренер во историјата на МЗТ Скопје. Ти импонира ли тоа што си на врвот, во конкуренција на сите славни имиња кои го воделе тимот низ историјата?
„Да се биде најтрофеен тренер на најтрофејниот клуб претставува чест но и голема одговорност кон името на МЗТ. Целите после првата титула се променија и се зацрта нешто повеќе. Тоа само ми дава поголема мотивација и желба за поголема работа и поголеми резултати.“
Мислеше ли пред неколку години, додека беше асистент во МЗТ, дека еден ден ќе ги надминеш сите претходници?
„Секако дека секој еден тренер кој работел во МЗТ има желба еден ден да го води овој клуб и да освојува трофеи со него. Лично сум благодарен на сите со кои соработував во клубот бидејќи секој од нив има удел во мојот личен развој како тренер. Искрено, првата желба ми беше да освојам еден трофеј како прв тренер. Се друго после тоа дојде како резултат на работата со мојот стручен штаб и играчи без кои и моите лични успеси немаше да бидат вакви.“

Се гледаш ли на друга позиција во блиска иднина или целото внимание ти е насочено кон сегашниот клуб?
„Не сум човек кој живее во иднината туку секогаш уживам и ја гледам сегашноста. Цело мое внимание и енергија се насочени кон МЗТ и така ќе остане додека сум тука.“
Што си посакуваш во новата година?
„Единствена моја лична и професионална желба во новата година е враќање на МЗТ во елитната дивизија на АБА.“
Каква порака можеш да им испратиш на навивачите на МЗТ Скопје?
„Можам да ветам дека овој тим ќе го даде својот максимум и воедно сакам да ги повикам да не подржат во секоја една битка која ќе ја имаме од сега па до јуни.“


